Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречи увоз на околу 50 тони небезбедна храна на македонскиот пазар, откако инспекторите утврдиле неправилности кај две пратки на граничниот премин Ќафасан.

Станува збор за 27 тони мелено говедско месо од Парагвај, за кое било утврдено дека потекнува од објект што не е одобрен од АХВ, поради што не ги исполнувало условите за безбедност на храната.

„Количините кои требало да се увезат потекнуваат од објект кој не е одобрен, со што не се исполнети условите за безбедност на храната и постои сомнеж за нејзина здравствена исправност“, информираат од Агенцијата.

Покрај месото, спречен е и увоз на 22 тони ореви од Казахстан, поради неправилности во означувањето и отстапувања од пропишаните критериуми за квалитет и безбедност.

Двете пратки се вратени во земјите на потекло и не им е дозволен пласман на домашниот пазар.

Од АХВ најавуваат засилени контроли и апелираат до увозниците строго да ги почитуваат законските прописи и стандардите.

„Здравјето на граѓаните останува наш врвен приоритет“, додаваат од Агенцијата.