Александар Стамболиев, директор на Акцелераторот УКИМ на денешната панел дискусија на тема „Акцеларија за паметни инвестиции“ информираше дека Акцелераторот УКИМ во соработка со програмата Star Venture на ЕБОР ја спроведува Акцелераторската Програма Есен 2021 година (AПA2021), во која се вклучија реномирани локални, регионални и глобални експерти, а четири глобални успешни стартапи ги споделија своите приказни, успеси и неуспеси.

-Експертите со своето разновидно искуство и знаење обезбедија вредни перспективи за усовршување на учесниците во АПА2021 и ги подготвија за инвестирање и освојување на пазарот. Како резултат на оваа програма, Акцелераторот УКИМ ги претстави првите паметни инвестиции во решението Листа и во играта SciGirl: The Internship, и очекува да инвестирира уште во неколку стартапи од учесниците во АПА2021, додаде Стамболиев.

Никола Клопчевски од Фондот за иновации и технолошки развој на панел дискусијата посочи дека ФИТР и Акцелераторот УКИМ се комплементарни со своите активности и многу е важно иноваторите да креираат решенија за постоечки проблем на пазарот.

Соња Ингилизова од Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) напомена дека мисијата на ЕБРД, покрај директната поддршка на мали и средни претпријатија и стартапи, е и градење на капацитетите на екосистемот преку соработка со акцелераторите и во таа насока, како што рече, соработката со Акцелераторот УКИМ ја смета за многу успешна и се надева да продолжи и во иднина

-Комбинацијата на менторска поддршка и доволни финансиски средства за развој на технолошки засновани решенија се клучни фактори за успех на македонските стартапи, изјави на панел дискусијата Славе Ангелов од Брандер Студио.

Според Михајло Штерјов од „Синдекс“, водењето на стартап компанија е животен стил и следење на сопствената пасија. Тој додаде дека е потребно континуирано споделување на идејата и барање на инвестиции, бидејќи со секоја инвестиција се валидира идејата и се забрзува времето за излез на пазарот