Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека натамошното опаѓање на водостојот на Дунав може да предизвика сериозни проблеми во Србија, особено во Војводина и Банат, каде што недостигот од врнежи веќе остава последици. Тој најави и „десет дена пекол“ со температури над 38 степени и зголемена потрошувачка на електрична енергија.
„Ако падне за уште 30 сантиметри, готово е. Во земјите што имаат нуклеарни централи што зависат од нивото на водата, проблемот е уште поголем. Во секој случај, има безброј проблеми, а најголемиот е во Војводина, особено затоа што таму не врнело. Се јадам жив поради тоа. Нема такви проблеми во другите делови од земјата, само во Војводина, особено во делови од Банат“, рече Вучиќ во интервју за Ниш ТВ.
Дунав се повлекол на исклучително ниски нивоа по голем дел од својот тек, при што на повеќе места се појавиле карпи, песочни насипи и стари бродоломи. Бидејќи во наредните денови не се очекуваат позначителни врнежи, се прогнозира дополнително намалување на водостојот.
„А сега доаѓа најлошото време, 10 дена пекол. И не заборавајте дека сега трошиме многу електрична енергија, како да е Свети Никола. Сите се разгаливме, никој не сака да го исклучи клима уредот“, рече Вучиќ.
Осврнувајќи се и на мигрантската криза во шпанската енклава Сеута, тој изјави дека такво сценарио не може да ѝ се случи на Србија, нагласувајќи дека земјата нема да стане „паркинг за мигранти“. Според него, миграциските притисоци врз Европа ќе продолжат поради сиромаштијата и брзиот раст на населението во делови од Африка.
