Како што јавува дописникот на МИА од Софија, партијата на Слави Трифонов нема да поддржи партија или коалиција што ќе добие трет мандат од претседателот на Бугарија, Румен Радев.
-Можеби ќе има влада, но без гласовите на „Има таков народ“,а тоа може да се случи само ако се искористат гласовите на ГЕРБ и ДПС, прокоментира Јорданов за ќор-сокакот во бугарскиот политички живот околу изборот на новата бугарска Влада.
Јорданов ја повтори тезата на Слави Трифонов дека скандалите околу кандидатот за министер за внатрешни работи, Петар Илиев, биле само повод другите со кои разговарале да им ја одбијат поддршката. Според него, овие партии не сакаат да има владин кабинет, предводен од „Има таков народ“.
Јорданов ги нарече „предавници“ луѓето од „Стани БГ. Доаѓаме“ и додаде дека со нив разговарале за смената на бугарскиот главен обвинител, Иван Гешев, и за повторно пресметување на пензиите, но ништо не направиле за тоа да се случи и дека ги предале протестите од летото 2020 година.
Јорданов го опиша како „глупост“ споменувањето на Маја Манолова од „Стани БГ. Доаѓаме“ дека партијата на Ахмед Доган – ДПС стои зад предлог-владата на „Има таков народ”, нарекувајќи ги глупости и додавајќи дека ако имале таков договор со ДПС, тогаш тие ќе можеле да формираат влада и во претходниот бугарски Парламент.
Денеска БСП и Демократска Бугарија мора да одлучат дали утре ќе ја поддржат владата предложена од „Има таков народ“ во Националното собрание.