На територијата на Македонија денеска до 18 часот биле регистрирани вкупно 24 пожари на отворен простор. Од нив, осум се активни, пет се ставени под контрола, а 11 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Активни се пожарите во Општина Струга, на потегот меѓу селата Буринец, Локов, Селце и Елевци, каде што гори нискостеблеста шума; во Општина Македонски Брод, кај селото Белица, на местото викано Кајорец кон селото Брезница, во близина на репетиторот, каде што е зафатена нискостеблеста и мешана шума; како и во Општина Чучер-Сандево, кај селото Брест, на местото викано Рамно, каде што гори мешана шума.

Пожари сè уште има и во Општина Гостивар, кај селото Печково, каде што гори ниска вегетација и нискостеблести растенија; во Општина Македонски Брод, кај селото Бенче, каде што е зафатена мешана листопадна шума; во Општина Долнени, меѓу селата Пешталево и Секирци, каде што гори ниска вегетација и стрниште; во Општина Бутел, кај Љуботенски Пат, каде што гори ниска вегетација; и во Општина Карпош, на булеварот „Илинденски Пат“, каде што се зафатени ниска вегетација и дрва.

Под контрола се пожарите во Општина Македонски Брод, кај селото Бенче, каде што станува збор за шумски пожар; во Општина Кичево, кај селото Тајмиште, на местото викано Дарда, каде што горела ниска вегетација; во Општина Сарај, кај селото Копаница, каде што имало шумски пожар; во Општина Ѓорче Петров, кај селата Грачани и Никиштани, каде што горела шума; и во Општина Струмица, над селото Стиник, каде што била зафатена шума.

Изгаснат е шумскиот пожар во Општина Кичево, над селото Кнежино, на местото викано Црн Камен. Изгаснати се и пожарите во Општина Ново Село, над селото Стиник, каде што гореле шума и ниска вегетација; во Општина Карпош, кај селото Бардовци, каде што горело ѓубре; во Општина Берово, на патниот правец Берово – Струмица, каде што била зафатена ниска вегетација; и во Општина Радовиш, во близина на клучката на патниот правец Радовиш – Струмица, каде што исто така горела ниска вегетација.

Локализирани и изгаснати се и пожарите во Општина Охрид, во близина на ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде што горела ниска вегетација; во Општина Струмица, на подрачјето на градот, каде што била зафатена ниска вегетација; во Општина Тетово, кај муслиманските гробишта, каде што горела ниска вегетација; во Општина Крива Паланка, кај селото Осиче, на местото викано Рамни Камен, каде што била зафатена борова шума; во Општина Старо Нагоричане, кај селото Стрезовце, каде што горела ниска вегетација; и во Општина Сарај, кај селото Копаница, каде што бил регистриран шумски пожар.