ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДС дека во официјално партиско соопштение ги нарекол граѓаните „идиоти“. Од владејачката партија оценија дека СДС продолжува со навреди, потценување и арогантен однос кон луѓето од кои бара доверба.
„СДС го проби дното и ги нарече граѓаните идиоти во официјално соопштение од партијата. Наместо да покажат почит кон луѓето од кои бараат доверба, тие продолжуваат со навреди, потценување и арогантен однос кон сопствениот народ“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат дали во СДС има кормилар и каде оди партијата со таквиот однос кон граѓаните. Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС исчезнува од политичката мапа во државата токму поради потценувањето, навредите и арогантниот однос кон јавноста.
„На СДС им пречи сè – прославите за независноста, напредокот и развојот, а сега го пробија дното и ги нарекоа граѓаните идиоти. Единствено што знае СДС е да ликува на неуспех“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија додаваат дека граѓаните гледаат, паметат и знаат да проценат кој ги почитува, а кој ги потценува. Според нив, токму поради тоа СДС се наоѓа на маргините на политичкиот спектар.
