На редовната попладневна прес-конференција за состојбата со пожарите до 17 часот, Вчкова информира дека е активен пожарот во атартот на селата Ракле, Никодин и Топлица во општина Прилеп. Се работи за непристапен терен, а пожарот е активен, но е со многу слаб интензитет и сега за сега нема опасност од проширување. Таму интервенираат вработени од Шумско стопанство од Прилеп.
-На патот Ново Село-Мокриово има нов пожар, каде се опожарени овоштарници и сува трева. Дејствуваат пожарникари од Територијалната противпожарна единица од Струмица, рече Вчкова.
Се уште е активен пожарот кај село Нивичино, Струмичко. Гори нискостеблеста дабова, букова и габерова шума. Пожарот го гаснат екипи од Територијалната противпожарна единица од Струмица и од Шумско стопанство Беласица.
-Истиов пожар кој започна на територија на општина Струмица се пренесе на територија на општина Берово, во месноста Готен. Во моментов е со слаб интензитет, на непристапен висок терен. Се работи за приземјен пожар каде гори деградирана шума, сува трева и деградирани шумски растенија. Засега не постои можност за проширување на пожарот, а интервенираат екипи од ШС Малешево – Берово, рече Вчкова.
Пожар има и на дива депонија во општина Центар Жупа, меѓу селата Бајрамовци и Црно Боци. Интервенира ТТПЕ од Дебар.
Под контрола е пожарот во атарот на село Држилово, општина Сопиште. Екипи од ШС Караџица и месно население или 30-тина лица се на терен и го гаснат пожарот.
Од ЦУК апелираат граѓаните ако забележат чад или оган, веднаш да пријават во најблиската надлежна институција или на бесплатниот телефонски број за итни повици на ЦУК- 195. Апелираат овој број да не се злоуппотребува за лажни повици.