Бројот на деца и адолесценти кои живеат со дебелина во светот се зголеми за четири пати од 1990 година насам, покажуваат најновите податоци на Светската здравствена организација (СЗО). Според извештајот, дури 170 милиони млади на возраст меѓу пет и 19 години живееле со дебелина во 2024 година, со што зачестеноста во оваа возрасна група пораснала од два на осум проценти.

Заедно со новите бројки, СЗО ги објави и првите официјални упатства за третман на дебелината кај најмладите, при што примарно се препорачуваат структурирани програми фокусирани на исхраната, физичката активност и промените во животниот стил.

Според новите насоки, лековите за слабеење и баријатриската хирургија не смеат да се користат кај деца под деветгодишна возраст. За адолесцентите од 10 до 19 години, одобрените лекови може да се разгледаат само доколку програмите за промена на животниот стил не дадат резултат, додека хируршките зафати се дозволени исклучиво во случаи на тешка дебелина и под строги медицински услови.

СЗО предупредува дека дебелината од рана возраст го зголемува ризикот од дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни заболувања, но носе и сериозни последици врз менталното здравје, како анксиозност, депресија, ниска самодоверба и врсничко насилство.

Директорката на Одделот за исхрана и безбедност на храната во СЗО, д-р Луз Марија Де Регил, нагласи дека пристапот мора да биде сеопфатен и долгорочен.

„Основата на третманот на дебелината кај децата и адолесцентите не се лекови или операција, туку пристап до сеопфатна поддршка што овозможува здрава исхрана, физичка активност и одржлива промена на однесувањето“, посочи д-р Де Регил.

Таа додаде дека приоритет мора да биде обезбедувањето квалитетна здравствена заштита и стимулирачка средина уште од најрана возраст. Од СЗО порачуваат дека само третманот не е доволен и апелираат до државите за поитно создавање услови во кои здравата храна и физичката активност ќе бидат лесно достапни за сите семејства.