Алармантна станува состојбата со голема кашлица во земјава, предупредуваат надлежнте. За утре е најавена седница на Комисијата за заразни болести.
Досега, од почетокот на годината се потврдени 15 случаи на голема кашлица, а меѓу заразените е и бебе старо само 6 недели, кое е хоспитализирано на Клиниката за детски болести.
Од вкупниот број заболени од голема кашлица 10 се во Скопје, а најмногу, дури 8 случаи се од општина Аеродром.
Од Центарот за јавно здравје денеска информираа дека доколку продолжи овој тренд на лица заразени со голема кашлица, ќе настане голем проблем.
Лекарите апелираат на совесност, населението да не ја игнорира вакцинацијата која е најдобра заштита против ова заболување.
Министерот за здравство Фатмир Меџити, денеска во одговор на новинарски прашања, рече дека ќе остави на професионалците да одлучуваат какви мерки ќе се преземат понатаму во врска со големата кашлица
– Не сум тој кој бара, јас се советувам со сите. На седницата на Комисијата за заразни болести ќе се разгледа каква е состојбата. Таму има врвни професионалци, јас сум невролог. Ќе оставам на професионалците кои се во таа комисија, да се одлучува како понатаму. Но, тоа што ветувам и досега што тврдев, состојбата е под контрола и ние ги надгледуваме сите состојби во здравството, не само за заразни болести. Веќе е месец февруари, ќе им дојде крај и на овие вируси и други состојби што го влошуваат здравјето на пациентите, рече Меџити.