Во Албанија стапија во сила измени на Законот за сообраќај со кои значително се заоструваат казните за опасно однесување на патиштата. Најстрогата мерка предвидува трајно одземање на возачката дозвола за возачи кои повторно ќе бидат фатени како управуваат возило со повеќе од 0,5 промили алкохол во крвта, откако претходно веќе биле предупредени или казнети за истиот прекршок.

Построги правила се воведуваат и за возење без дозвола. Возрасните кои ќе бидат затекнати зад волан без возачка дозвола ќе бидат казнети и ќе се соочат со ограничувања за нејзино добивање, додека малолетниците кои ќе бидат фатени како возат ќе можат да се запишат во автошкола дури по наполнети 20 години.

Измените носат и дополнителни ограничувања за младите возачи. На автопат тие нема да смеат да возат со брзина поголема од 90 километри на час, а прекршувањето ќе се казнува со глоба од 5.000 до 15.000 леки, одземање на возачката дозвола за еден месец и одземање бодови. За лица до 21 година е воведена и забрана за ноќно возење.

Новина е и тоа што одземањето на возачката дозвола повеќе нема да може да се замени со плаќање двојна парична казна. Заострени се и санкциите за пребрзо возење во населени места и во близина на училишта, како и за опасни трки и маневри, за што се предвидени казни од 20.000 до 60.000 леки.

Возачите кои двапати во рок од една година ќе бидат фатени како користат мобилен телефон додека возат ќе останат без дозвола три месеци. Забраната за користење мобилен телефон додека се управува возило се проширува и на велосипедисти, возачи на мотоцикли до 50 кубни сантиметри и корисници на електрични тротинети.

„Не е во наш фокус само да идентификуваме прекршоци, туку да ја подигнеме свеста кај граѓаните, да ги спречиме овие прекршоци во сообраќајот и да избегнеме смртоносни несреќи. Апелираме до сите возачи да не користат мобилни телефони, да не возат под дејство на алкохол и наркотици, да не ги надминуваат ограничувањата на брзината, бидејќи брзината убива. Почитуваното правило е уште еден спасен живот“, изјави Скендер Хита, генерален директор на албанската државна полиција.

Албанската полиција најави засилени контроли на главните и меѓуградските патишта, а наскоро во надзорот ќе бидат вклучени и полициски дронови.