Речиси половина од албанските граѓани живеат надвор од земјата. Според индиректните проценки на Институтот за статистика (ИНСТАТ), околу 2.256.346 Албанци што заминале по 1990 година се наоѓаат во странство, што е околу 49 проценти од вкупното население.
За споредба, според пописот, во Албанија живеат 2.402.113 жители. Податоците ги објави телевизијата „Топ чанел“, повикувајќи се на студија за дијаспората.
Истражувањето покажува дека дијаспората е претежно млада. Возрасната група од 15 до 64 години го сочинува најголемиот дел, децата до 14 години се околу 18 проценти, а лицата над 65 години околу 5 проценти. По пол, 1.177.529 се мажи, а 1.078.817 жени.
Извештајот укажува дека новата дијаспора има поинаков профил – економски активна и со потенцијал да придонесе на пазарите на труд во земјите домаќини. За разлика од првите иселеници кои заминувале во САД, новите мигранти најчесто се насочуваат кон Европа.
Најголема заедница на албански имигранти има во Грција, а значителен број има и во Италија, Германија, Франција и Обединетото Кралство.
Според податоците на Евростат за 2024 година, Италија, Грција и Германија се земјите со најголем број албански државјани со дозволи за престој. Од сите дозволи во ЕУ, 47,6 проценти се издадени за семејно обединување, а 29,1 проценти за вработување.
Главните причини за иселување се економски – потрага по подобри можности. Меѓу другите мотиви се семејните причини со околу 16 проценти и образованието со околу 6 проценти.
