Албанците бараат знаците за камери од „Сејф сити“ да бидат и на албански јазик
Предупредувачките знаци за камерите од системот „Безбеден град“ во Скопје се поставени исклучиво на македонски јазик, без вклучување на албанскиот, а недостасува и англиска верзија за оние кои не говорат ниту македонски ниту албански.
Новинарот Авни Тахири за Телеграфи наведува дека единственото предупредување гласи „Контрола на брзината“ и е поставено на неколку метри од самите камери. Според дел од граѓаните, ваквите знаци треба да бидат поставени на оддалеченост од најмалку 100 до 150 метри пред безбедносните камери.
„Тие знаат дека тука има Албанци и треба да бидат и на албански јазик“, се наведува во реакциите.
МВР се повикува на правилникот
Во однос на забелешките за недостиг на двојазичност, од Министерство за внатрешни работи посочуваат дека постапуваат согласно Правилникот за сообраќајни знаци, опрема и патна сигнализација, повикувајќи се на член 24, точка 115, кој го уредува изгледот на знаците на места каде што сообраќајот е под видео-надзор.
Сепак, во посочениот член не е прецизирано прашањето за јазикот на кој треба да бидат испишани предупредувањата, ниту на кој начин тие треба да бидат разбирливи за сите учесници во сообраќајот.
Споредби со Тетово и европските практики
За разлика од главниот град, во Тетово предупредувачките знаци за камерите се поставени и на албански јазик.
Според информациите објавени од „Телеграфи“, во повеќе земји од Европската Унија пред камерите за мерење брзина се поставуваат повеќе предупредувачки табли, често и на меѓународни јазици. Во урбаните средини тие се поставуваат на оддалеченост од 150 до 250 метри, додека на автопатите на растојание од 250 до 500 метри пред камерата.
Прашањето за јазичната застапеност на знаците е во линија со реакциите што претходно ги изнесоа Зијадин Села и Арбен Таравари, кои истакнаа дека предупредувачките табли треба да бидат испишани и на албански јазик. Погледнете повеќе од веста во продолжение:
(ФОТО) СЕЛА ПАК СЕ ПОЖАЛИ: „Сејф сити“ создава несигурност и неправда кај Албанците
