За да се подобри оценката што Македонија ја доби во скрининг Извештајот од Европската унија, во однос на јавната администрација и дигитализација на услугите, потребно е да се изгласаат законите кои се чекаат со години, а се од големо значење за реформите во јавната администрација, вели министерот за информатичко општесто и администрација Азир Алиу во интервју за „Портлаб“, а пренесе Слободен печат.
Закон за висока раководна служба, закон за агенција за дигитализација, закон за административни службеници, закон за вработени во јавен сектор, закон за медиуми. Ова се дел од законите кои мора да бидат усвоени во наредниот период, во рамки на реформите во јавната администрација и дигитализацијата на услугите, а со тоа да се подобри оценката 3 што ја доби Република Северна Македонија во скрининг извештајот од Европската Унија, изјави Алиу.
Најавените шалтери „една точка за услуги“, министерот посочи дека наскоро треба да се отворат во сите филијали на националната Пошта, а треба да се создадат дополнителни механизми за принудување на институциите да ја користат платформата за интероперабилност, што досега ја правеа по своја волја иако имаа законска обврска
Софтверот што овозможува, како што вели министерот, вработување по етничка припадност, т.н „Балансер“, дури и да се отстрани, треба да се замени со нешто друго за да се заштити демографската структура на државата.
-За балансерот се зборуваше многу и внатре и надвор од државата. И во однос на злоупотребата на балансерот, и во однос на тоа колку балансерот навистина дава вредност во нашето општество. Ако ние решиме да го отстраниме балансерот како инструмент за заштита на граѓаните во државата, задолжително мора да го замениме со нешто друго. Ние не можеме да воспоставиме инструмент, кој иако е злоупотребен, знаеме од различни институции дека Македонец е регистриран како Албанец бидејќи балансерот на тоа работно место одредува албанска националност. Да не зборуваме за националност, имаме многу наши граѓани кои се регистрираат како Роми, Турци и слично. Такви злоупотреби имало и верувам дека ќе има и во иднина, но од друга страна не треба да седиме и да кажеме, ок, злоупотреби има, сепак балансерот горе-долу ја нормализира состојбата. Сметам дека со овие три закони и со пристапот кој ќе се создаде или уште еден нов закон за заштита на демографската структура на државата, сепак треба да работиме за ова, додава Алиу.
Тој потенцираше дека се анализираат различни форми околу тоа како може да се подобри балансерот или пак, како да се создаде посебен закон кој ќе ги заштити демографијата и демографската структура, како во јавната администрација, така и во согласност со демографијата во државата.