Одговарајќи на прашање на „360 степени“ за случајот „Двојник“ за незаконското издавање пасоши со украден идентитет, од Амбасадата на САД во земјава додадле дека во тесна соработка со министерствата за внатрешни работи и правда, обезбедуваат техничка помош, форензика, обука и опрема за да се подобрат капацитетите за спроведување на законите и на правосудните институции.

– Овие активности придонесуваат за национална и регионална безбедност преку зајакнување на граничната безбедност, транспарентноста и можноста да се истражуваат и да се гонат корупцијата, тероризмот и случаите на организиран криминал, нагласија од Амбасадата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека „Двојник“ е меѓународна акција, на која нашата полиција работела со поддршка од Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во земјава, како и Генералниот секретаријат на Интерпол во Лион и Интерпол во Скопје.