Такво барање упатија конгресмени од Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД до бугарскиот амбасадор во Вашингтон.

-Се надеваме дека ќе ги ставите разликите настрана и ќе поддржите целосна политичка интеграција на Македонија и Албанија во Европската Унија, се вели во писмото на двопартиската конгресна група до амбасадорот Тихомир Стојчев.

Покрај тоа што  Македонија и Албанија ги исполнија условите да ги почнат пристапните преговори со Европската Унија, се наведува во писмото, останува спорот меѓу вашата држава и Македонија, што ги спречува Албанија и Македонија да ги почнат тие разговори. Според нив, натамошното одложување на прогресот на Скопје и Тирана кон ЕУ ќе фрли сомнеж врз заложбите на западните лидери и ќе отвори врата за антизападни политички влијанија во регионот, конкретно од Кина и од Русија.

-Веруваме дека евентуалното членство на Македонија и Албанија во ЕУ е од клучно значење за долгогодишен мир и стабилност на регионот на Западен Балкан и за целата трансатлантска заедница, се посочува во писмото од американските конгресмени.