Меѓу најактивните се и пратеничките Благица Ласовска, Ели Панова и Снежана Калеска – Ванчева. Во споредба со втората половина од минатата година, меѓу десетте најактивни пратеници има една жена повеќе, а анализата вели дека 43 отсто од говорите биле на пратенички, што претставува зголемување за 8 процентни поени.
Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 63% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 37%.
„Извештајот за овој период покажува релативно ниско ниво на квалитетот на дебатата во Собранието во последните 2 години и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување. На скала од 1-најнизок до 10-највисок, средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието во првото полугодие на 2021 е 5.6, што споредено со претходниот период на набљудување, бележи благо подобрување во нивото на аргументација (август – декември 2020, 5.5)“, заклучува Институтот.
Генерално се забележува подобрување на нивото на аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието. Говорниците во 38% од нивните излагања немаа аргументи, додека во 48% слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во 14% од дискусијата.
Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии не беше забележана промена на став кај пратениците, ниту поради подобри аргументи кај соговорниците, ниту поради други причини, нагласува Институтот и додава:
„Во 46% од дискусиите, пратениците не се осврнуваат на силата и квалитетот на аргументите на другите говорници, додека во 40% пратениците останаа на својот став и не ја признаа вредноста на аргументите на колегите од другите политички опции“.
Само во 2 отсто случаи било искажано прифаќање на туѓите аргументи, а во 10 проценти делумно. Кога станува збор за навредите и омаловажувањата на политичкиот противник, во само 1 отсто од случаите била искажана почит кон пратеник од друга опција, а во 28 отсто делумна почит.
Дури две третини од предложените законски решенија се поднесени од страна на Владата, а само 38 отсто се иницирани од пратеници.
Најмногу се дискутирало за Стратегијата за спречување на корупцијата, за законскиот проект за попис на населението, за интерпелацијата за вицепремиерот Никола Димитров и за концепцијата за основното образование.
Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во околу 89% од нивната дискусија, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.
„Културата на дебатирање на пратениците во нашето Собрание, поткрепена со јасни и цврсти аргументи со кои директно се поддржува застапуваниот став, е на релативно ниско ниво“, се вели во извештајот на Инситутот за демократија.