Белата отпадна пена забележана на 24 јули во Вардар, кај вливот на Лепенец, не предизвикала надминување на граничните вредности за испуштање во површински води, покажал прелиминарниот извештај од анализата на земените мостри. Конечните резултати од дополнителното лабораториско испитување се очекуваат на 4 август.
Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека, по регистрирањето на белата пена, во координација со надлежните институции биле спроведени вонредни теренски и лабораториски активности. Инспекторите извршиле надзори кај индустриските субјекти во зоната, но не утврдиле законски нерегуларности во управувањето со отпадните води.
„Во врска со регистрираната појава на бела отпадна пена во реката Вардар кај вливот на реката Лепенец на 24 јули 2026 година, Државниот инспекторат за животна средина, во координација со сите надлежни институции, веднаш презеде серија вонредни теренски и лабораториски активности. Инспекторите на ДИЖС спроведоа вонредни инспекциски надзори кај индустриските субјекти во зоната кои се под државна надлежност. При надзорите не беа евидентирани законски нерегуларности, односно субјектите постапувале согласно пропишаните услови во еколошките дозволи за управување со отпадните води“, соопшти Инспекторатот.
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје земало мостри од водата на спорната локација и до Министерството за животна средина и просторно планирање доставило прелиминарен извештај од 29 јули. Според анализата, испитаните физичко-хемиски параметри не ги надминувале дозволените вредности.
„Со цел прецизно утврдување на состојбата, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје зема мостри од водата на спорната локација и до Министерството за животна средина и просторно планирање го достави прелиминарниот извештај од 29 јули, според кој анализираните физичко-хемиски параметри на примерокот не ги надминуваат граничните вредности за испуштање во површински води. Дополнително, по барање на ДИЖС, и акредитирана лаборатирија зеде мостри, чиј финализиран извештај ќе биде доставен до Инспекторатот и до Министерството за животна средина во вторник, 4 август 2026 година, по што јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за конечните резултати“, се вели во соопштението.
Од Инспекторатот посочуваат дека врз квалитетот на водата во овој дел од Вардар влијаат повеќе фактори, меѓу кои комуналните и атмосферските води, како и активностите на деловните субјекти во околината. Надзорите ќе продолжат и по објавувањето на конечниот лабораториски извештај.
