Заклучно со 30 јули, во земјава се потврдени вкупно 13 случаи на западнонилска треска, соопшти Министерството за здравство. Од нив, 10 пациенти се хоспитализирани на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, а тројца се во критична здравствена состојба.
Поради актуелната епидемиолошка состојба и врз основа на стручната проценка на ризик, Министерството за здравство го задолжи Центарот за јавно здравје – Скопје да спроведе дополнителна терестичка, односно земјена адултицидна дезинсекција против комарци.
Вонредниот третман е реализиран во текот на ноќта како дополнителна превентивна мерка со цел да се намали ризикот од понатамошно ширење на инфекцијата.
Од Министерството информираат дека заедно со Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје и здравствените установи остануваат во постојана координација и ќе продолжат навремено да ја информираат јавноста за сите нови сознанија и за преземените активности.
