Клиничката болница Битола влегува во силен инвестициски и модернизациски циклус. Во периодот од 2024 до 2026 година е набавена современа медицинска опрема во вредност од над 30,4 милиони денари, со која се заменуваат апарати стари повеќе од 20 години, за кои веќе не постоеше можност за сервисирање и техничка поддршка.
Особено значајна е замената на дигесторот на Одделението за патологија – апарат набавен пред околу 55 години, уште од формирањето на болницата.

Во рамки на модернизацијата се набавени електричен борер за ортопедија, апарат за операции на катаракта со фако-метода и ехо-апарат за Очното одделение. За потребите на урологијата се обезбедени сет за монополарна ресекција, додека за Интерното одделение се набавени нов колоноскоп и гастроскоп.

Болницата доби и апарат за оптичка кохерентна томографија, нов DEXA-апарат за физикална медицина и рехабилитација, како и робот и современо софтверско решение поврзани со ПАКС-системот. Со овие набавки значително се унапредуваат дијагностичките и оперативните капацитети во повеќе болнички одделенија.
Истовремено, започната е постапка за набавка на опрема за ехо-водена биопсија на простата. Со тоа, оваа современа дијагностичка метода за првпат ќе биде воведена во Клиничката болница Битола, овозможувајќи им на пациентите од Битола и целиот регион побрза, попрецизна и подостапна дијагностика во матичната болница.

Покрај вложувањата во опрема, од јули 2024 година досега во болницата се реализирани и 61 вработување на неопределено време, со што паралелно се зајакнува и стручниот медицински кадар.

По години работа со застарена опрема, Клиничката болница Битола добива апарати соодветни на современата медицина. Ова не е само замена на опрема – ова е конкретна инвестиција во посигурна дијагностика, поквалитетно лекување и подобра здравствена заштита за граѓаните на Битола и целиот регион.
