Бројот на стари предмети во Скопскиот Кривичен суд е намален за 53 отсто во период од една година, покажува најновиот извештај за работата на судот. Податоците од интерниот електронски билтен објавен на 2 јули покажуваат дека судиите успеале значително да го намалат бројот на случаи кои повеќе од две години се наоѓале во постапка.

Заклучно со 30 јуни 2025 година, во Судот биле активни 873 стари предмети, додека една година подоцна, на 30 јуни 2026 година, нивниот број се намалил на 410. Во судската практика како стари се сметаат предметите кои се во работа подолго од две години.

Нерешавањето на ваквите предмети и опасноста од нивно застарување со години се едни од најчестите критики упатувани кон македонскиот правосуден систем. Од Скопскиот Кривичен суд наведуваат дека намалувањето на бројот на старите случаи е резултат на низа активности насочени кон побрзо и поефикасно постапување.

Во изминатиот период, судот направил промени и во начинот на определување на мерката притвор, која претставува најстрога мерка за обезбедување присуство на обвинетите во постапката. Долготрајните и неоправдани притвори претходно беа посочувани како еден од проблемите во функционирањето на правосудниот систем.

Повеќе спогодби и почеста примена на поблаги мерки

Извештајот покажува и зголемување на бројот на склучени спогодби меѓу обвинетите и Судот. Со ваквите постапки се овозможува пократко траење на судските процеси и намалување на трошоците.

Во првиот квартал од 2026 година биле склучени четири спогодби, додека во периодот од април до јуни судиите постигнале 20 спогодби. Во двата квартали бил одбиен само по еден предлог за спогодба.

Промени се забележуваат и кај мерките за обезбедување, каде во вториот квартал судиите и Кривичниот совет почесто ги заменувале притворите со поблаги мерки.

Во првиот квартал бил одбиен еден предлог за замена на притворот со куќен притвор, додека во вториот квартал биле одбиени осум такви предлози.

Кога станува збор за предлозите за укинување на притворот со определување гаранција, во првите три месеци од годината од вкупно 13 барања биле прифатени три, а девет биле одбиени. Во еден случај судот наместо гаранција определил куќен притвор. Тоа претставува стапка на прифаќање од 23 отсто.

Од април до јуни биле поднесени 10 предлози за гаранција, од кои Кривичниот совет прифатил осум, а одбил два. Со тоа стапката на прифаќање се зголемила на 80 отсто.

Во текот на истрагата, гаранцијата како мерка за обезбедување во првиот квартал била определена во еден случај, додека во вториот квартал во четири случаи.

Поголема активност кај предметите за организиран криминал и корупција

Во извештајот е анализирана и работата на Специјализираното судско одделение кое постапува по предмети поврзани со организиран криминал и корупција.

Во првиот квартал од годината ова одделение поднело 36 предлози за определување притвор, додека во вториот квартал бројот се зголемил на 46.

Во периодот од април до јуни биле издадени 110 наредби за претрес, во споредба со 80 во првиот квартал. Истовремено, значително зголемување има и кај мерките за обезбедување имот, кои пораснале од 20 во првиот квартал на 51 во вториот.

Податоците од билтенот покажуваат и промена во примената на условните осуди со пробациски мерки, меѓу кои е и општокорисната работа. Овие мерки овозможуваат ресоцијализација на осудените без упатување во затвор и придонесуваат за намалување на трошоците.

Во 2017 година пробациските мерки биле применети во само три предмети, односно во 4,8 отсто од условните осуди. Во 2024 година нивната примена достигнала 98,2 отсто, при што биле определени во 323 од вкупно 329 предмети.

Во 2025 година, од 406 изречени условни осуди, во 380 случаи биле определени пробациски мерки, што претставува 93,6 отсто.

Извештајот за работата на Скопскиот Кривичен суд беше објавен неколку дена по изборот на Даниела Димовска за претседателка на Судот. Таа претходно една година ја извршуваше функцијата вршител на должноста претседател на Кривичниот суд.