Според проценките на стручните екипи кои работат на терен, до крајот на оваа недела се очекува жителите на Гостивар да добијат техничка вода, додека до крајот на следната недела би требало да биде воспоставено и нормално снабдување со безбедна вода за пиење, изјави директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска..
Во гостување во дневникот на ТВ Сител директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, посочи дека информациите се базираат на проценките на експертските тимови вклучени во справувањето со состојбата.
„По она што ни е кажано од други експертски екипи кои работат на теренот во оваа област, очекуваме дека кон крајот на неделата ќе можеме да добиеме техничка вода, а кон крајот на следната недела и питка вода за пиење“, рече Андоновска.
Таа нагласи дека надлежните институции остануваат фокусирани на стабилизирање на состојбата и обезбедување безбедно водоснабдување за граѓаните, додека паралелно се преземаат активности за целосно надминување на кризата.
Конкретно за Гостивар, истакна дека ИЈЗ минатата година има направено една анализа и една оваа година на едно мерно место.
– Во анализа направена во 2025-та имале неисправни резултати. Таа што ја направиле кај нас во институтот била неисправна анализа. Имаме податоци, но во моментот не располагам со тие податоци. Била неисправна во одредени параметри. Кога добиваме неисправна анализа ја информираме самата институција која барала испитување и АХВ дека сме нашле една неисправна анализа. Тоа не значи дека ние даваме забрана дека таа вода не е за пиење. Ние велиме дека во овој примерок што стигнал до нас водата има нешто, а вие понатаму проверете дали е исправна или не и само во тоа мерно место или воопшто низ целото место, изјави Андоновска.
