Институтот за јавно здравје двапати излегол на терен во Гостивар за да земе примероци од водата. Првото земање било извршено минатиот четврток попладне на четири локации, а второто во понеделникот на две локации, претежно на јавни површини. Според Андоновска, резултатите се разликуваат во зависност од местото од кое бил земен примерокот.

„На одредени места има отстапувања во микробиолошките параметри и во нивото на резидуален хлор. Добро е што физичко-хемиските анализи во моментот се исправни. Во дел од примероците е утврдено присуство на колиформни бактерии и мезофилни аероби, додека кај други нема микробиолошка неисправност, но има недостаток на резидуален хлор“, објасни директорката на ИЈЗ.

Таа нагласи дека, согласно важечките правилници, ваквите резултати значат дека водата од тие мерни места во моментов не е безбедна за пиење. Андоновска појасни и дека Институтот за јавно здравје нема законска обврска да врши редовен мониторинг на квалитетот на водата.

„Не постои закон или правилник според кој ИЈЗ има обврска да врши мониторинг на водата. Ние располагаме со современи лаборатории, опрема и стручен кадар, но анализи правиме само кога ќе бидеме повикани од надлежен инспектор или кога тоа ќе го побара јавното комунално претпријатие“, рече таа.

Според Андоновска, јавните комунални претпријатија се должни редовно да ја анализираат водата, но самите избираат која акредитирана институција ќе ги врши испитувањата. Таа откри дека ИЈЗ минатата година извршил едно испитување на примерок од водата во Гостивар, како и уште едно во текот на оваа година.

„Анализата направена во 2025 година покажала неисправност во одредени параметри. Кога ќе утврдиме неисправен примерок, за тоа ги известуваме институцијата што го побарала испитувањето и Агенцијата за храна и ветеринарство. Тоа не значи дека ИЈЗ носи одлука дека водата не смее да се користи, туку дека во конкретниот примерок е утврдена неисправност и надлежните треба да утврдат дали проблемот е локален или се однесува на целиот водоводен систем“, истакна Андоновска.