На конференцијата „Трансформирање на иднината: дигитална стратегија за современо општество“, посветена на промоцијата на Националната стратегија за развој на ИКТ – SMART/МК 2030, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека, според најновите резултати во GovTech Maturity Index (GTMI) 2025 на Светска банка, Македонија е препознаена како земја со високо ниво на зрелост во дигиталната трансформација на јавниот сектор.

„Во најновиот GovTech Maturity Index 2025 на Светска банка, Македонија е рангирана во категоријата A – Extensive GovTech maturity, со резултат 0,760, заедно со земји како Латвија, Литванија, Малта, Холандија и Нов Зеланд што ја потврдува нашата позиција меѓу земјите што демонстрираат солидни капацитети за дигитализација на јавните услуги и унапредување на владини дигитални системи“, рече Андоновски.

Овој резултат претставува напредок во споредба со претходните изданија на индексот (како што беше во извештајот од GTMI 2023), кога Македонија не беше дел од највисоката група на зрелост, беше оценета со 0,570 и припаѓаше на пониски рангирани категории според вклучениот обем на критериуми за дигитална трансформација. Ова претставува скок од 22 места, од 101 на 79 место.

Напредувањето во категоријата A – Extensive GovTech maturity (или екстензивна зрелост) ја рефлектира нашата континуирана работа на унапредување на дигиталните платформи, јакнење на основните владини системи и подобрување на интеракцијата со граѓаните преку дигитални канали.

Овој успех ја потврдува посветеноста на Владата кон современа, ефикасна и транспарентна дигитална администрација која обезбедува подобри услуги за граѓаните и бизнисите.