Пожарот на планината Готен го гаснат чешки хеликоптер и словенечки пожарникари
На територијата на државата денес се регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, четири се ставени под контрола, а седум се целосно изгаснати.
Најголем предизвик моментално претставува пожарот на планината Готен, кој има два крака – едниот се движи кон радовишката страна, а вториот кон беровската страна, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Вечерва во гаснењето ќе бидат вклучени чешки хеликоптер и словенечки пожарникари.
–Во 18 часот на скопскиот аеродром ќе слета хеликоптерот „Блек хок“ од Чешка со ведро за 3,4 тони вода. Од Словенија доаѓаат и 62 пожарникари со 18 специјални возила, кои ќе пристигнат во Берово доцна ноќта. И хеликоптерот и словенечките сили ќе се насочат кон гасење на пожарот на планината Готен, од беровската страна – изјави Ангелов.
Во текот на утрешниот ден ќе бидат упатени и дополнителни национални сили.
Фокусот останува на Готен, бидејќи состојбата на другите локации е делумно стабилизирана.
Ангелов најави и понудена помош од Австрија и Франција, со по 80, односно 50 пожарникари.
Во однос на кракот на пожарот кон радовишката страна, тој информираше дека тој ги загрозувал селата Подареш, Јарболица, Злеово и други населби на западната падина на планината.
Утрото бев на терен. Пожарот беше ставен под целосна контрола, благодарение на силите на терен и локалното население кое масовно се вклучи. Сепак, има појава на ново разгорување кај едно од селата – рече Ангелов.
На теренот од радовишка страна дејствува и еден хеликоптер на МВР. Тој од утринските часови полни вода од браната кај село Злеово.
Дополнително, на терен се ангажирани и шест пинцгауери на ДЗС од радовишка страна, како и четири БТР и четири хермелини, стратешки поставени над и околу селата за да создадат водена бариера.
Во гаснењето од радовишка страна учествуваат и 60 припадници на Армијата и 30 припадници на полицијата.
Од беровската страна се распоредени 40 припадници на Армијата, 25 припадници на специјалните единици, и 18 припадници на ДЗС. Тие даваат поддршка на локалните пожарникари од Берово.
Синоќа во 21 часот присуствував на седница на кризниот штаб во Берово, заедно со градоначалникот и останатите институции. Се координиравме за подобрување на одговорот. Во Берово ќе биде насочена и меѓународната помош што пристигнува денес – додаде Ангелов.
Покрај Готен, активни пожари има и на други локации.
На територијата на Прилеп и Кавадарци, меѓу селата Царевик, Смоларе, Радобор, Трн и Трстеник, гори мешана шума и ниска вегетација.
На терен дејствува еден авион „ер трактор“ на ДЗС и четири пинцгауери.
Третиот активен пожар е кај Македонски Брод, меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, каде дејствува еден пинцгауер, еден хермелин и 20 припадници на Армијата.
Четвртиот активен пожар е во општина Прилеп, кај селото Пешиште. Еден крак на пожарот се движи кон село Градешница (Новаци), а трет крак е насочен кон Грција.