По поразот од Австрија, Македонија утре има нов предизвик, меч против селекцијата на Украина кој е клучен за пласман во следната фаза.
-Ние дојдовме на ова Европско првенство со цел да се бориме за пласман во следната фаза и таа цел сѐ уште стои пред нас, а нѐ чека меч со директен конкурент, кој како и ние има нула бодови и ова е своевидно финале. Победникот од овој меч ќе си ги зголеми шансите за пласман, а ние немаме притисок, зашто Украина е фаворит, а за нив ако не успеат да нѐ победат и да се пласираат понатаму тоа ќе биде трагедија. Затоа ние влегуваме максимално мотивирано, со голем респект кон Украина, да го задржиме тоа што беше позитивно од мечот со Австрија, а лошите моменти да ги поправиме, рече селекторот Игор Ангеловски.
-Украина е исклучително квалитетна, а тоа се виде и со Холандија, кога од 0-2 успеаа да стигнат до 2-2, иако на крајот го загубија тој меч. Јермоленко, Зинченко, Малиновски и останатите се одлични фудбалери, добри индивидуалци кои играат во елитни клубови, ама и Македонија има одлични фудбалери, кои веќе многупати докажаа дека може да се носат со сите, па и со Украина.