Во срцето на Битола, во киното „Манаки“ се одржа дебата на една од најрелевантните теми во високото образование: „Приватни наспроти државни универзитети“. Како дел од проектот „Зајакнување на вашиот потенцијал“, ценети професори, студенти и членови на локалната заедница се собраа да дебатираат за квалитетот во високообразовните институции во Република Македонија и предизвиците со кои се соочуваат тие.

Во ерата обележана со стремеж за квалитет во образованието, традиционалната поделба помеѓу приватните и државните универзитети е сè повеќе оспорувана. Учесниците на дебатата: проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот Скопје, проф. д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Силвија Попчановска, постдипломец на БАС „Академија Смилевски“ и Борис Гушевски, студентски лидер на УСС УКЛО, навлегоа токму во ова клучно прашање и дискутираа за иновативните перспективи за иднината на високото образование.

Учесниците на дебатата се согласија дека приватните и државните универзитети се интегрални компоненти на еден ист образовен систем, чија соработка треба да биде насочена кон поттикнување на иновациите и подобрување на пристапноста, а со тоа кон подигање на стандардот на образованието во државата. Тие истакнаа дека наместо да се занимава со вештачките граници наметнати помеѓу приватните и државните универзитети, приоритетно прашање за општеството и за институциите треба да се биде квалитетното наспрема неквалитетно образование. Метриката за оценување на квалитетот е клучна за тоа секој студент да го добие калибарот на образование што го заслужува.

На дебатата, учесниците особено истакнаа дека образованието не значи само пренесување знаење, туку и негување генерации способни и ангажирани граѓани. Ректорот Миленковски ја нагласи важноста од охрабрувањето и поттикнување на младите луѓе да го продолжат своето образование дома, но во средина што ќе го вреднува нивниот придонес и што ќе им овозможи активно да придонесуваат за напредокот и просперитетот на татковината и на нацијата.

На крајот на дебатата, учесниците упатија апел за итни системски реформи во високото образование чија приоритет ќе биде воспоставување основни стандарди за квалитет и повикаа на итна акција за да се надмине овој предизвик, а сѐ со цел да се обезбеди пристап за сите ученици до висококвалитетно образование.