Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека втората рунда индиректни разговори со САД во Женева поминала во „поконструктивна атмосфера“ од претходната, оценувајќи дека се разговарало за посериозни теми.
Тој рече дека биле постигнати одредени договори за клучните прашања, но конечен договор сè уште нема.
„Нашите очекувања се разговорите да се движат кон конкретни решенија, иако сè уште не сме постигнале финален договор“, изјави Арагчи за новинарите во Женева.
Според него, ова е важен чекор кон опипливи резултати, но преговарачките тимови треба да продолжат со работа на деталите. Разговорите ќе продолжат, но датум за следната рунда засега не е утврден.
„Двете страни треба да работат на текстовите, а потоа ќе се дефинира датумот за третата рунда преговори“, додаде Арагчи, нагласувајќи дека е потребно време ставовите да се приближат.
Иранската телевизија „Прес ТВ“ објави дека преговорите биле фокусирани на нуклеарното прашање и укинувањето на американските санкции. Форматот на разговорите бил ист како и на претходната рунда одржана на 6 февруари во Мускат.
Иранската делегација ја предводеше Арагчи, заедно со заменици за политички, правни и економски прашања и технички експерти.
