Според него се разгледувале два пристапи за инвестирање во однос на летен и зимски туризам.
-Едниот пристап Попова Шапка како можност за инвестирање не само во зимскиот туризам, туку и во летен спортски туризам. Беше покренато прашањето за можноста Попова Шапка летно време да се користи како голф центар, а зимно време како скијачки центар. Исто така,го претставивме и како регионален центар заедно со Косово, да ги претставиме двете страни од планината, бидејќи очигледно големите инвеститори бараат поголеми регионални пазари и можноста регионално да се претставиме е секогаш поатрактивна. Почнуваме со оваа кампања за промовирање на нашите потенцијали и на странски инвестиции и затоа сме тука, за покоординиран пристап, нашите дипломати да се распределуваат низ светот, истакна Бујар Османи.
Градоначалничката Теута Арифи вели дека општината има волја и интерес за соработка со државните институции со оглед на економската и развојна важност на Попова Шапка.
-Се работи за одвоени ингеренции за нас како Општина Тетово. Сепак за граѓаните Попова Шапка е важна не само за туризам туку и за развој на целиот полошки плански регион. Од овој аспект сме во постојана координација со Владата затоа што на сите ни е јасно дека таму е потребна длабока физибилити студија која веќе е направена, исто така и инвестиција од многу поголеми размери која би требало да дојде од меѓународни буџетирања и извори. Од аспект на обврски што ние како општина ги имаме во однос на плански документации и друго, апсолутно сме подготвени да бидеме од голема помош и поддршка. Тоа ни е обврска да го реализираме. Имаме историја на еден детален урбанистички план кој е во една долга меѓусебна комуникација на Министерството за транспорт и врски и Општина Тетово. Се надевам дека во однос на тоа сме побарале да нема одолговлекување во однос на позитивните одговори за да може тој да биде реализиран, истакна Теута Арифи.
Османи и Арифи заедно со економски советници кои ќе бидат задолжени за привлекување инвестиции во странство имаа средба за запознавање на потенцијалите во тетовскиот регион.