Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска учествуваше и се обрати пред присутните на првиот Меѓународен форум за градоначалници што се одржа во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент.
– Градот Скопје континуирано работи на зголемување на своите капацитетите за да им овозможи подобри услови за живот на своите граѓани. Преку следење на актуелните трендови во европските метрополи и политиките коишто тие ги спроведуваат на локално ниво се настојува дел од тие практики да се имплементираат и во Скопје. Главните области на кои посветено работиме се дигитализација, заштитата на животната средина, подобрување на јавната чистота, како и имплементација на проекти за енергетската ефикасност затоа што граѓаните заслужуваат да живеат во поубав град. На денешната дискусија се разменуваат искуства и добри практики коишто и кои можат да се применат за добро на граѓаните, рече Арсовска.
Арсовска им се заблагодари на присутните градоначалници и претставници од европските градови, како меѓународните експерти со желба за унапредување на соработката со Градот Скопје, како и развој на можности за пренос на нови знаења и позитивни практитки кои ќе бидат од корист за подобрување на условите на граѓаните и нивното функционирање.
На овој Меѓународен форум за градоначалници на тема „Модерна општина“ учесниците ќе ги разменат своите искуства, знаења и мислења со цел да се подобрат перформансите и капацитетите на општините за поуспешно да се справат со современите предизвици.
На овој форум што се одржува во Скопје, учествуваат голем број домашни градоначалници, реномирани експерти и градоначалници од европски и од светски метрополи. На темата „Модерна општина“ ќе се обратат Жан Ив Ками, специјалист по меѓународни односи и Специјален советник на градоначалникот на Париз, проф.д-р Карол Јанас, Градоначалник на општина Поважска Бистрица во Република Словачка, г-дин Цвика Брот, Градоначалник на општина Бат Јам во Израел и Советник на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, Андријана Цветковиќ, прв резидентен амбасадор на Република Македонија во Јапонија и Директор на Северна Азија на The Economist Group.