Арсовска ја искажа својата желба за мирно спроведување на кампањата и изборите, потенцираше дека најважно е да не се случуваат изборни нерегуларности, а во исто време истакна дека инволвираноста на жената во политичките процеси и во креирањето на политиките е од суштинско значење за развој на државата во сите сфери од нејзиното функционирање.

„Учеството на жените во политиката е многу важен сегмент за демонстрирање на демократски капацитет на општеството. Нападите во јавност од било кој вид се недопустливи држава која сака да се нарече демократска и истите треба да се осудат. Неопходен е процес на фер и демократски избори за чие спроведување ОБСЕ има голема улога преку процесот на набљудување на изборите. Сигурна сум дека овие избори ќе ја покажат борбата на идеи на кандидатите, наместо креирање на лажни вести и користење на истите за дискредитирање на личности. Граѓаните се уморни од овие политички игри и затоа сум сигурна дека ќе препознаат квалитет и ќе гласаат за вистинската личност“ – истакна Данела Арсовска.

Претставниците од ОБСЕ/ОДИХР во земјава, нагласија дека нивното зголемено присуство, ќе придонесе за зголемен квалитет на изборниот процес. Арсовска на тоа дополни дека Владата е институцијата што треба да застане против ваквите нерегуларности, особено кога станува збор за напади и навреди, пред сè од владини функционери или лица од јавната и државната администрација.

„Сметам дека за мене, како човек со интегритет е предност тоа што до сега не сум била вклучена во политиката. Знам како и умеам да направам позитивни промени во нашето општество, особено во Скопје, градот кој што долги години тоне запоставен од страна на институциите, кои што до сега требаше да обезбедат подобар живот за скопјани“ – заклучи Арсовска.