Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ наскоро ќе биде пуштен во употреба, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Во моментов се асфалтираат пристапните улици, откако претходно биле решени имотно-правните прашања и ослободена трасата за изградба.

Ѓорѓиевски потсети дека ветил оти мостот ќе биде ставен во функција во текот на неговиот четиригодишен мандат, но процесот, како што наведува, е придвижен за помалку од една година.

-Мостот што граѓаните го нарекуваа „мост за ловење риба“, конечно ќе ја добие својата вистинска намена!
Претходно, го решивме процесот на експропријација неопходен за пристапите, заглавен од претходните раководства, ја ослободивме трасата и сега работиме за мостот наскоро да ги поврзе двете соседни општини.
Со тоа ќе овозможиме полесно движење, пократки патувања и растоварување на сообраќајот.
Паралелно, продолжуваме со експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот, сѐ до неговото целосно завршување.
Нашата обврска е да го довршиме проектот во целост!
Дадениот збор пред мојот народ го исполнуваме со работа, чесно и посветено.
Со решавање на проблемите и со резултати што се гледаат!
Кога се сака и кога се работи, сѐ се може.
Продолжуваме, за Скопје какво што заслужуваме.
Скопје се сака со дела!, објави градоначалникот на Скопје.