Власта ќе ја продолжи традицијата на одбележување на најголемиот македонски национален и државен празник Илинден од Мечкин Камен , ќе ги повтори добро познатите флоскули за значењето на 2 Август со акцентирање на европската иднина на Македонија и уверување дека еден ден во ЕУ ќе влеземе како Македонци со чист македонски јазик без дообјаснувања и фусноти, смета политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.
Она што повеќе загрижува е тоа што на овој најсветол македонски празник е тоа што ние сме партиски поделени и поларизирани на предавници и патриоти. Илинден треба да биде празник за национално помирување и обединување, вели Атанасоски.
Тој не ја оправдува одлуката на претседателот Пендаровски Илинден да го прослави од вилата на Водно и оттаму да им се обрати на граѓаните. Вели тоа е “бегство” од одговорноста и несоочување со предизвиците.
Лидер: Власта најавува прослава на 2 август на Мечкин Камен со чествување и манифестација со обраќање на Премерот Димитар Ковачевски. Каква порака сака да испрати СДСМ од творевината на македонскиот идентитет, јазик и држава по само неколку дена од прифаќање на францускиот предлог?
-Прославата за 02 август (Илинденското востание, АСНОМ), е најголемиот македонски национален и државен празник и многу логично и природно е македонскиот државен врв, особено премиерот да има обраќање од Крушево (Мечкин Камен), како своевидно продолжување на традицијата во овие децении на независноста. Власта ќе ги повтори добро познатите флоскули за значењето на овој празник со акцентирање на европската иднина на Македонија како стратешка цел во иднина за обезбедување на поквалитетен живот за сите граѓани. Во таа мера ќе го покажува и во добро светло т. н француски предлог, поентирајќи дека се,, зачувал ” македонскиот јазик, односно дека во ЕУ еден ден ќе влеземе како Македонци со чист македонски јазик без дообјаснувања и фусноти. Тоа што мене ме иритира и загрижува е што на овој најсветол македонски празник и после триесет години од независноста, ние сме партиски поделени и поларизирани и во неговата прослава со меѓусебни обвинувања за предавници и патриоти. Дури очекувам да има намерно исвиркување на државниот врв од вметнати провокатори, што не доликува на ваков ден и ваков празник. Неверојатно е како не успеавме да се издигнеме над просташтвото кое ја контаминира македонската политика, и барем на овие и вакви денови и празници са покажеме (макар и вештачки создадена) сплотеност и заедништво, односно да се воздржиме од секојдневните политикантски надмудрувања и обвинувања за собирање на ситни политички поени. Тоа е одлика на, како што многу пати сум напоменувал недржавотворност во водењето на македонската политика, а и на Македонија како држава во внатрешните но и надворешните односи.
Лидер: Претседателот Стево Пендаровски за Илинден ќе остане во Скопје, во вилата на Водно ќе доделува одликувања. Според Вас, на што се темели оваа одлука и дали е во ред Пендаровски да обрати до граѓаните од својот кабинет за Денот на републиката?
– Веројатно се должи на пресметана одлука на претседателот дека можеби ќе биде исвиркан од насобраните граѓани и тоа во јавноста ќе остави впечаток дека е,, предавник” во очите на граѓаните кој го поддржува францускиот неприфатлив предлог со кој се,, бугаризира” Македонија. Прашање е и на суета и его таа одлука доколку се базира на оваа причина, вкалкулираност за политичкиот рејтинг пред претседателските избори во 2024 та година, во кои шефот на државата веројатно има амбиции да се натпреварува за втор последователен мандат. Сепак тоа е и,, бегство” од одговорноста и несоочување со предизвиците, бидејќи според мене одлика на вистински државници е да ги бранат своите во моментот, можеби непопуларни одлуки и потези, но политики кои на долг рок се исправни, односно ќе донесат повеќе бенефит одошто штета за Македонија и сите македонски граѓани. Сепак тоа е и одлика на еден карактер кој не може да се носи со ситуацијата, па веројатно е подобро да ја избегне евентуалната непријатност. Лично не ја одобрувам оваа постапка, и да сум на негово место би се појавил на самиот чин, каде што ќе се одвива торжественото чествување на најголемиот македонски државен и национален празник да го одбележам тој чин, макар со досадната секојгодишна протоколарност и исти преповторувани фрази и флоскули.
Лидер: Албанскиот политички блок беше единствен и сите партии го поддржаа францускиот предлог. Што се крие зад овој потег?
-Јас воопшто не сум изненаден од одлуката на етничките албански политички партии кај нас, бидејќи кога станува збор за повисоката и нивна заедничка цел за нив, а тоа е : зголемување на правата на етничките Албанци или европските и евроатлантските интеграции на Македонија тие се унисони и покрај тоа што на практика се поларизирани и се гледаат преку нишанот како крвни непријатели особено на денот на изборите. Од друга страна мора да се напомене дека и лидерите на етничките албански политички партии се секогаш понизни и ги слушаат претставниците на меѓународната заедница (читај САД и ЕУ) и никогаш не би се спротивставиле на некој нивен став или одлука за Македонија, колку и непопуларна и непринципиелна да изгледа таа во очите на етничките Македонци, како што е последниот француски предлог. За тоа немам ниту резерва, ниту дилема, едноставно искуството во овие три децении на независност не учи и ни покажува дека етноалбанските политички партии се секогаш на иста бранова должина со политиката на ЕУ И НАТО кон нас и како,, попчиња” таа ја прифаќаат, аминуваат и спроведуваат.