Се чекаат секој момент, но никој не знае кога навистина ќе стигне првиот лет со граѓаните од Авганистан кои треба да добијат привремен престој во Македонија.
– Не знеме кога ќе пристигнат. Требаше првата група да стигне уште минатата недела, но работите зависат од состојбите на аеродромот во Кабул и од организацијата на летовите. Ние сме подготвени кога и да стигнат, велат од Владата за ДВ.
За граѓаните што ќе пристигнат од Авганистан веќе се обезбедени сместувачки капацитети на периферијата на Скопје. Од безбедносни причини имињата на објектите не се откриваат. Тие заедно имаат капацитет да ја примат бројката на која се обврза Владата – 650 лица, а доколку има потреба, ќе се искористат и понудите на други објекти.
Првично декларираната бројка не може да се смета за фиксна, бидејќи меѓународните организации кои ги прават списоците за евакуација на нивни соработници, понекогаш тековно доставуваат и ново барање. Во нашиот случај, една од организација побарала прием на уште 20 лица.
На барање на Меѓународната федерацијa на новинари (IFG) и нејзината партнерска организација во земјава – Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Владата одобри прием на 15 новинари и медиумски работници од Авганистан, но тоа не може да се смета за крајна бројка, бидејќи тие овде треба да пристигнат со нивните семејства.
Како што е веќе објавено, станува збор за прием на локално население од Авганистан, пред сѐ, семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои во изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската Армија.
Целиот текст на ДВ.