Заедничкиот европски систем за Ковид сертификација ќе стапи на сила во четврток, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
Здружението на аеродромите и здруженијата на авиокомпании А4Е, ИАТА и ЕРА преку писмо до европските лидери предупредуваат на „загрижувачката разновидност на пристап“ низ целиот континент.
– Како што се зголемува сообраќајот на патници во следните недели, ризикот од хаос на европските аеродроми е реален, се вели во заедничкото писмо до европските лидери.
На крајот на мај беше постигнат договор за дигитално сертифицирање на европско ниво.
Сертификатот треба да работи во форма на QR-код на паметни телефони или на хартија, а властите ќе можат да го користат за да го утврдат „Ковид статусот“ на посетителите.
Кодот ќе покаже дали лицето е вакцинирано, е негативно или е позитивно на Ковид-19.
Додатна проверка и опрема за читање на кодовите ќе биде потребна на аеродромите.
Во писмото на авиокомпаниите и аеродромите се наведува дека чекањето и доцнењето сред летната сезона може да се избегнат само со имплементација на систем според кој потврдата за вакцинација и картичката за локација на патникот ќе бидат обработени пред патникот да пристигне на аеродромот.
Исто така, се наведува дека такви проверки би требало да бидат вршени само во земјата од која што патникот тргнува на патување, а не по слетувањето. Земјите-членки треба да управуваат со здравствените податоци и да обезбедат опрема за читање QR-кодови
– Високото ниво на фрагментација и разлики во спроведувањето на дигиталниот Ковид-сертификат, како и континуирано удвојување на проверките на документи во неколку земји, се загрижувачки, се вели во писмото.
Од здружението на аеродроми предупредуваат дека постои ризик од „непотребно удвојување на мерките и следствено на тоа – чекање и гужва на аеродромите“.