Кинеските власти од денеска применуваат построги правила за напуштање на земјата. Новите ограничувања се однесуваат на лица кои ги прекршиле прописите за контрола на извозот или за трансфер на технологии и со тоа можат да ја загрозат националната индустриска и технолошка безбедност, објави ДПА.
Со новата регулатива не е утврден максимален рок на забраната за напуштање на Кина во ваквите случаи. За кинеските граѓани за кои ќе биде утврдено дека при престој во странство ѝ нанеле штета на националната безбедност или на интересите на земјата, забраната за патување може да трае од шест месеци до три години.
Пекинг ги оправдува мерките со потребата да се заштити технолошкото знаење и да се спречат прекугранични измами, незаконско коцкање и корупција.
Кинеските власти посочуваат и на случаи во кои граѓани ја напуштиле земјата без дозвола и незаконски пренеле технологии во странство.
Можноста за ограничување на излезот од Кина поради причини поврзани со националната безбедност постоеше и претходно. Критичарите, сепак, оценуваат дека новите правила дополнително ја прошируваат државната контрола врз слободата на движење.
Регулативата, која содржи 19 одредби, првпат беше објавена во јули. Со неа се прошируваат и барањата за добивање претходно одобрение за патување во странство за одредени категории службеници.
Партиските и државните службеници и досега имаа обврска да ги предаваат личните пасоши во матичните институции и да добијат дозвола пред да патуваат во странство, особено поради заштитата на државните тајни.
Со новите правила, дел од овие обврски се прошируваат и на вработените во училиштата и во други јавни институции.
Новата регулатива го уредува и влезот на странски државјани во Кина. На странците кои навеле неточни информации при поднесувањето барање за виза или при влезот во земјата може да им биде изречена забрана за влез во траење од една до пет години.
