Патнички авион „Ербас А-380“ на компанијата „Емирати“, речиси 14 часа летал од Дубаи со огромна дупка на трупот, пред да слета во Бризбејн, Австралија.

Се верува дека штетата е предизвикана од експлозија на гума по полетувањето од Дубаи, Обединетите Арапски Емирати. За време на летот, патниците му пријавиле на екипажот дека слушнале силен тресок при прелет над океанот. Авиокомпанијата донела одлука да го продолжи летот кој траел 14 часа, пишува „Дејли мејл“.

Тие стапиле во контакт со Контролата на летање на аеродромот во Бризбејн непосредно пред слетувањето и пријавиле дека постои можност на авионот да му пукнала гума при полетувањето.

Работниците на итната помош и очевидци биле шокирани од големината на дупката на трупот на авионот.

Тој слетал безбедно и нема повредени патници. Поради дупката на трупот, леталото не е испратено на повратниот лет.