Нов режим на сообраќај кај Требеишта и Мешеишта

Од утре, 29 април, се менува режимот на движење на автопатската делница Охрид–Кичево, каде што ќе бидат затворени сите привремени споредни влезови и излези во близина на селата Требеишта и Мешеишта, во општина Дебрца.

Информацијата ја соопшти СВР Охрид, посочувајќи дека оваа мерка има за цел побезбедно одвивање на сообраќајот на овој потег.

Вклучување само преку клучката кај аеродромот

За да се избегнат ризици и несоодветно приклучување, возачите ќе мора да го користат единствениот дозволен пристап – клучката во близина на охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“. До неа ќе се пристапува преку веќе изградените споредни патишта кои се наоѓаат надвор од автопатот.

Засилени контроли и апел до возачите

Од СВР Охрид апелираат возачите строго да ги почитуваат новите насоки и поставената сообраќајна сигнализација, како и упатствата на полициските службеници.

Најавени се засилени контроли на терен, а ќе се преземаат мерки против сите кои ќе се обидат непрописно да се вклучат на автопатот и со тоа да ја загрозат безбедноста во сообраќајот.