Стопанската комора не се спротивставува на зголемување, но бара одговорна основа

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, ја нагласи потребата минималната плата да се утврдува врз основа на реални и мерливи економски параметри. Не на политички или популистички основи. Тој истакна дека Комората не е против покачување на минималната плата, но тоа мора да биде резултат на социјален дијалог и конкретни пресметки.

„Секогаш сум бил на страната на потрошувачката – да се создава, а не само да се штеди. Ако параметрите покажат дека има простор, поддржувам зголемување на минималната плата“, рече Азески на средба со бизнисмени од Охрид.

Американските тарифи – стратешко партнерство пред сè

САД остануваат клучен стратешки партнер. Ова го потенцираше Азески во однос на најавите за можни тарифи од страна на американската администрација за македонски производи . Тој подвлече дека решението треба да се бара исклучиво преку разговори и дипломатски канали.

„Бизнисот бара брзина, но политиката наметнува трпеливост. Решението е во дијалогот“, нагласи Азески.

 Двоен интерес за унгарскиот кредит – сигнал за растечки инвестициски дух

Азески исто така информираше дека интересот кај домашните компании за средствата од унгарскиот кредит значително се зголемил. Побарувачката сега е дури двојно повисока од понудените средства. Тој додаде дека долгиот рок за отплата е клучен мотивациски фактор за компаниите, а ги повика и банките да нудат слични поволности за подолг рок на отплата.

„Ова е сигнал дека домашниот приватен сектор има сериозна желба да инвестира и да се развива“, оцени Азески, додавајќи дека ваквите податоци покажуваат нова економска енергија.