Во Мултикултурниот центар во Кочани на 12 ноември ќе се одржи свечена промоција на книгата со наслов „Бојот се бие во срцето на јунакот“, дело посветено на животниот пат и спортската кариера на младиот фудбалер Андреј Лазаров. Настанот е предвиден со почеток во 18:00 часот.
Автор на ова биографско издание е Марјан Гијовски, кој низ страниците го доловува спортскиот дух и спомените за младиот спортист. Лазаров беше една од жртвите кои трагично го загубија животот во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани во март минатата година.
Неговата прерана загуба остави длабока трага кај фудбалската јавност, спортските навивачи и граѓаните низ цела Македонија, кои преку ова дело ќе имаат можност да се потсетат на неговите успеси и човечки вредности.
