Претседателот на САД, Џо Бајден им порача на своите сонародници дека националниот финансиски систем е безбеден, обидувајќи се да проектира смиреност по брзиот и изненадувачки колапс на две банки.

„Вашите депозити ќе бидат на место кога ќе ви требаат“, порача американскиот претседател Џо Бајден, откако регулаторите во петокот ја затворија Банката на Силиконска долина (СВБ).

Банката се соочи со класичен наплив, откако нејзините депозитори побрзаа да си ги извадат парите одеднаш. Тоа е второто најголемо пропаѓање на банка во историјата на САД, по пропаста на Вашингтон Мјутуал во 2008 година. Но финансиското домино настапи веднаш, и њујоршката Сигначур Банк следуваше веднаш потоа.

Претседателот Бајден, обраќајќи се од Белата куќа, најави дека ќе се бара одговорност од сите вмешани во случајот, и побара подобра контрола и регулација на големите банки. На крајот вети дека даночните обврзници нема да ги плаќаат загубите.

„Мораме да добиеме целосна слика за тоа што се случило. Американците да имаат доверба дека банкарскиот систем е стабилен“, рече Бајден и дополни дека менаџерскиот тим на банката треба да биде отпуштен.

„Доколку банката биде преземена од регулаторното тело, луѓето кои ја раководеле банката повеќе не треба да работат таму“, рече Бајден.