Американската актерка Џенифер Лоренс откри кој од нејзините холивудски колеги најдобро се бакнува на филмското платно, а нејзиниот редослед привлече големо внимание во јавноста. За време на гостувањето во емисијата „Watch What Happens Live“ кај водителот Енди Коен, актерката доби задача отворено да ги рангира колегите со кои низ годините има снимено романтични сцени.

На листата за оценување се најдоа познатите актери Лијам Хемсворт, Бредли Купер, Џош Хачерсон, Крис Прат и Тимоти Шаламе. Лоренс без двоумење му го додели првото место на Џош Хачерсон, колегата со кого глумеше во популарниот филмски серијал „Игри на гладта“.

„Џош е најдобар, а потоа, па, Хемсворт, Купер, Шаламе, Прат“, изјави Лоренс.

Интересно е што самиот Хачерсон беше присутен во телевизиското студио додека Лоренс го споделуваше своето мислење пред камерите и публиката.

Холивудската актерка отворено зборуваше и за снимањето романтични сцени пред камерите, нагласувајќи дека, во реалноста, таквите искуства немаат речиси никаква врска со романтиката. Таа објасни дека присуството на голема филмска екипа, камерите и напорниот работен ден создаваат работна атмосфера која е целосно далеку од секаква интимност. За неа било особено непријатно кога требало да снима сцени со бакнување со колеги кои приватно ѝ се исклучително блиски пријатели, како што е токму Хачерсон.