Американскиот претседател Џозеф Бајден му честиташе на својот црногорски колега Јаков Милатовиќ за преземањето на претседателската функција, пренесува агенцијата Танјуг, повикувајќи се на Радио телевизија на Црна Гора (РТЦГ).
„Ви честитам за изборот за претседател на Црна Гора. Со нетрпение очекувам да ја подобриме блиската соработка меѓу нашите две земји, да ја поддржам Црна Гора на нејзиниот пат кон интеграција во Европската унија и да ги прошириме нашите безбедносни и економски врски“, напиша Бајден.
Тој изјави дека Милатовиќ ја презема функцијата „во време на големи предизвици, кога суровата војна на Русија против Украина го потресе мирот во Европа“.
„Посветеноста на Црна Гора за обезбедување хуманитарна и безбедносна помош за Украина, јавната осуда на руската агресија и почитувањето на санкциите на ЕУ против Русија, како и прифаќањето бегалци од Украина, претставуваат модел на солидарност и регионално лидерство“, рече Бајден.
Мултиетничка демократија
Тој се осврна и на, како што посочи, придонесот на Црна Гора во зајакнувањето на источното крило на Северноатлантската алијанса (НАТО), што ја покажува, според него, посветеноста на Црна Гора кон НАТО алијансата.
„Продолжувањето на нашата соработка за справување со предизвиците што претстојат, зајакнувањето на врските меѓу Црна Гора и САД, заедно со сојузниците од НАТО и европските партнери е поважно од кога било досега. Изборите во Црна Гора уште еднаш покажаа дека вашите граѓани сакаат Црна Гора да се приклучи на Европската унија за да обезбеди подобра иднина за нивната земја“, рече американскиот лидер.
„Ве охрабрувам да го искористите овој момент за да го забрзате усвојувањето и спроведувањето на реформите неопходни за членство во ЕУ.
Американскиот претседател истакна дека САД ќе продолжат тесно да соработуваат со Милатовиќ, додека земјата „се движи напред кон постигнување на оваа важна цел“ и во исто време ја зајакнува „мултиетничката“ демократија.