Климатските промени се егзистенцијална закана, рече американскиот претседател Џозеф Бајден, додека, според неговите зборови, „повеќе од 100 милиони Американци“ се погодени од рекордно високи температури.

„Не верувам дека некој може да ги негира последиците од климатските промени“, додаде тој, според агенциите.

Тој изјави дека топлината е водечка причина за смртни случаи поврзани со климата и временските услови во САД, одземајќи 500 животи секоја година, повеќе од поплавите и ураганите.

Американскиот претседател наведе голем број впечатливи примери, вклучувајќи го и случајот на жена која се здобила со тешки изгореници кога паднала од својата инвалидска количка на жешката земја во Аризона, на југозападот на САД.

Бајден, исто така, најави серија активности што треба да се финансираат преку голем инвестициски план за транзиција во енергијата, веќе одобрен од Конгресот, за зголемување на капацитетот за складирање вода во западниот дел на САД и подобрување на националниот систем за прогнозирање на времето.

Тој најави и поголема заштита на работниците кои се најмногу изложени на рекордни температури, особено во земјоделството и градежништвото.

Тој, исто така, најави дека 1 милијарда долари ќе бидат ставени на располагање на градовите за садење дрвја за да се помогне во ублажувањето на топлината.