Американскиот претседател Џозеф Бајден го повика Конгресот да усвои забрана за јуришното оружје, откако шест лица, меѓу кои три деца, беа убиени во пукање во училиште во Нешвил во понеделникот, соопшти Белата куќа.
„Мора да направиме повеќе за да го запреме оруженото насилство. Тоа ги распарчува нашите заедници. Повторно го повикувам Конгресот да ја усвои забраната за јуришно оружје што ја предложив“, рече Бајден, како што пренесува Ројтерс.
Жената што го изврши нападот во Нешвил имала најмалку две полуавтоматски пушки и пиштол, соопшти полицијата.
Демократот Бајден во минатото постојано повикуваше на обновување на забраната за јуришно оружје и построги правила за продажбата на оружје.
Од друга страна, Претставничкиот дом е под контрола на републиканците, така што каков било нов закон за безбедност на оружјето е малку веројатен оваа година, велат клучните пратеници.
„Уште колку деца треба да бидат убиени пред републиканците во Конгресот да истапат и да дејствуваат за да се усвои забраната за јуришно оружје и да се затворат дупките во нашиот систем“, им рече на новинарите портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер пред говорот на Бајден.