Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) му предложи на министерот за здравство формирање Комисија за стручен надзор. Целта на оваа комисија би била да се истражат потенцијалните пропусти во лекувањето и грижата за пациентка која трагично почина. 26-годишната родилка од Делчево, која откако била пренесена од штипската клиничка болница во влошена здравствена состојба, на 26 декември починала на Карил.

Според наодот од увидот, бремената пациентка по упат од матичен гинеколог била примена во штипската болница во 39-та недела од бременоста на 22 декември. Додека првично била во добра состојба, прегледот откри намалување на плодовата течност. По сместувањето во болничка соба таа доживеала ненадеен колапс.

„Од направениот ЦТГ-запис бил констатиран fetal distress, поради што итно е одлучено дека е потребно да се изврши породување со царски рез поради што родилката во 10:30 часот е внесена во акушерката операциона сала, интубирана со спроведување на нејзина реанимација и започната секција на абдоменот по слоеви“, се вели во соопштението на ДСЗИ.

После извршениот царски рез, било утврдено значително количество крв и коагулум во абдоминалната празнина и тоа довело до итно вклучување на хируршки тим. Итниот царски рез во 10:45 часот резултираше со породување живо девојче со низок Апгар. Подоцнежната хируршка интервенција открила крварење кое потекнува од крвен сад во близина на хилусот на слезината.

-При што е направено негово подврзување, потоа е спроведена лаважа на абдоминалната празнина и по 15 мин. откако состојбата се стабилизирала( стабилен крвен притисок) извршено е затварање на абдоменот и воспоставување на дренажа со поставување на два дрена .По краткотрајното стабилизирање на крварењето, истото продолжило од поставената дренажа поради кое пациентката запаѓа во хеморагична шокова состојба, па повторно хирушки е интервенирано со одстранување на слезината, направена е тампонада околу црниот дроб и местото на одстранетата слезена, пишува во соопштението на ДСЗИ.

Поради влошување на состојбата, штипските лекари решиле со брза помош пациентката да ја префрлат на КАРИЛ во Скопје. И покрај тоа што биле направени сеопфатни тестови , била дадена соодветна нега и терапија на КАРИЛ, 26-годишната пациентка починала на 26 декември во 23 часот. Нејзиното новороденче останува на механичка вентилација на Детската клиника, без промена на здравствената состојба

Извор: Телма