Марин Ле Пен и Џордан Бардела од Националниот собир се најголеми победници на француските избори. На вчерашните избори екстремно десничарскиот Национален собир доби најмногу гласови, потоа левичарскиот Нов народен фронт, а трета остана коалицијата околу претседателот Емануел Макрон, Заедно.
Агенцијата Ипсос објави дека крајната десница „Националнен собир“ освоила 33,5 отсто од гласовите, 28,1 отсто има „Новиот народен фронт“ и 20,7 отсто на Макрон.
Пресметките на Ипсос даваат 230-280 пратенички места за „Национален собир“, 125-165 места за левата коалиција, која ги вклучува Зелените, 70-100 места за Макрон и „Заедно“, иако широкиот опсег покажува дека е прерано за такви пресметки.
Ветувањата на крајната десница и политичкото протеже на Марин Ле Пен, Џордан Бардела за контролирана имиграција, ниски даноци и контролирана инфлација се покажаа како примамливи за Французите. За првпат по втората светска војна Франција може да добие власт од крајната десница.
Првиот круг од предвремените избори постигна рекорден одѕив, достигнувајќи 59,39 отсто излезност што е рекорд за парламентарните избори од 1981 година, а најверојатно конечните бројки ќе бидат околу 70 отсто. Овие избори дојдоа откако претседателот Емануел Макрон неочекувано го распушти Националното собрание пред три недели. Оваа одлука Макрон ја донесе по објавувањето на резултатите од европските избори и победата на екстремната десница на нив.
Веќе ги има првите коментари.
„Демократијата проговори. Гласачите најавија дека сакаат да свртат нова страница“, рече Марин Ле Пен.
И Кокерел даде став.
„Габриел Атал нема да биде следниот премиер на Франција“, коментираше Ерик Кокерел од „Народниот фронт“ во обраќањето до актуелниот премиер, емитувано од партијата на Макрон.
Се огласија и од крајната левица.
„Пораз за таборот на Макрон“, беа првите зборови на екстремно левичарскиот Жан-Лук Меланшон.
Макрон повика на „големо обединување“ против екстремната десница во вториот круг од предвремените парламентарни избори во Франција за една недела, пренесе Франс прес.
„Високиот одѕив во првиот круг сведочи за важноста на ова гласање за сите наши сонародници и за желбата да се разјасни политичката ситуација“, рече Макрон во писмената изјава.
„Соочени со „Народното собрание“ дојде време за големо, јасно демократско и републиканско обединување за вториот круг“, повика тој.
Џордан Бордела, штитеник на Марин Ле Пен, исто така зборуваше со поддржувачите. Тој ги повика гласачите да останат мобилизирани и во вториот круг.
Оливие Фор од Социјалистичката партија, исто така, повика на широко обединување против екстремната десница во вториот круг. „За прв пат по Втората светска војна, нашата земја може да биде управувана од екстремната десница. Мораме да го блокираме Националното собрание во вториот круг“, коментира тој.