Обвинувања за користење на бел „ролс ројс“
Коалицијата ВРЕДИ денеска изнесе сериозни обвинувања кон внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, тврдејќи дека поседува луксузно возило „ролс ројс“ во бела боја. Според соопштението, автомобилот бил со кичевски регистарски таблички и се проценува дека вреди околу 400.000 долари.
Корупцијата и криминалот не прават разлика меѓу етничките припадности, така што и луксузниот живот нема граници засновани на етничка припадност. Ако Сашо Мијалков живее во странство и води живот во луксуз, тогаш сличен начин на живот се води и од страна на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети. Наместо Ферари, Дрин Ахмети избрал бел Ролс Ројс со регистарски таблички од Кичево, автомобил кој се проценува на вредност од околу 400.000 долари. Овој млад човек, кој е син на „моќниот чичко“ Али Ахмети, е наводно во центарот на истрага, при што обвинителството побарало помош од САД поради неговите сомнителни финансиски активности“, изјавија од коалицијата ВРЕДИ.
Тие нагласуваат дека јавноста е сведок на непрекинатото демонстрирање на луксуз кај политичарите и нивните семејства, додека обичните граѓани се борат да ги подмират основните трошоци.
Дрин Ахмети бара извинување
По обвинувањата, Дрин Ахмети реагираше со категорично негирање на наводите. Тој побара од ВРЕДИ да обезбедат докази за нивните тврдења и достави писмена реакција.
„Доколку тврдењата што ги изнесувате се точни, тогаш ве предизвикувам да доставите докази кои се апсолутно непобитни – било да се тоа фотографии, снимки од регистарските таблички, сведоштва на очевидци или некој друг вид на легитимна документација која ќе ја потврди вашата изјава. Ширењето на вакви невистини е штетно за мојот углед и за општеството во целина. Барам веднаш да ја повлечете вашата изјава и да се извинивте јавно. Ако тоа не се случи, ќе биде неопходно да преземам правни мерки“, напиша Дрин Ахмети
Ахмети го оцени однесувањето на коалицијата како неодговорно и ги повика да се фокусираат на конструктивен дијалог наместо да користат, како што тој наведе, „тактики за оцрнување“.
Историја на контроверзии
Приказната за луксузното возило не е нова. Во февруари 2023 година, истражувањето на КОД на Телма откри дека автомобилот првично бил регистриран на фирма чиј сопственик е брат на сватот на Али Ахмети. Подоцна, возилото било продадено во Тетово и добило тетовски регистарски таблички.
Речиси две години подоцна, ова прашање повторно се актуализира како дел од политичките пресметки меѓу коалицијата ВРЕДИ и претставниците на власта.