Воздушните напади се една од опциите, но дипломатијата е прва на маса

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, јасно ставил до знаење дека не се двоуми да прибегне кон воени мерки доколку процени дека тоа е неопходно, соопшти портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Таа пред новинарите изјави дека Трамп секогаш ги задржува сите можни опции отворени, вклучително и употребата на воена сила.

– Мислам дека една работа во која претседателот Трамп е исклучително добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте опции кои се на маса, рече Ливит.

Пораки зад затворени врати и разлики во јавното говорење

Во исто време, таа нагласи дека дипломатијата останува приоритет за американскиот претседател.

– Дипломатијата е секогаш прва опција, додаде портпаролката на Белата куќа.

Ливит посочи дека постои значителна разлика меѓу јавното говорење на иранските власти и пораките што Вашингтон ги добива по дипломатски канали.

– Претседателот синоќа на сите ви кажа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим во голема мера се разликува од пораките што администрацијата ги прима приватно, истакна таа.

На крајот, Ливит повтори дека Трамп веќе покажал оти не се плаши од употреба на сила кога смета дека тоа е неопходно.

– Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога тоа го смета за потребно, а никој тоа не го знае подобро од Иран, заклучи таа.