Белгиските синдикати денеска штрајкуваат во цела земја со барање за промена на законите и покачување на платите, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Главно барање на синдикатите е измена на закон од 1996-та година наречен „закон за конкурентност“ кој оневозможува платите да се зголемат над стапка од 0,4 отсто во рамките на социјалниот дијалог. Овој закон е одамна предмет на жестоки судири помеѓу работниците и работодавците, но со ковид кризата, војната во Украина и рекордното поскапување на цените на сите основни производи, темата дополнително се вжешти.

По неуспешен обид минатата година, заедничкиот синдикален фронт – сите синдикати на Белгија заедно – денеска прогласија генерален штрајк во целата земја.

-Сè поскапува освен нашите плати, е слоганот на овој штрајк.

Инфлацијата силно ги погодува белгиските работници, фактурите за енергија во последните месеци достигнуваат раст од речиси 200 отсто во некои случаи, сè повеќе луѓе и домаќинства не се во можност да ги платат фактурите. Поскапена е и храната и кириите.

Во неколку градови во земјата се предвидени и протести, а силно е погоден и јавниот превоз. Во главниот град Брисел само една линија ќе функционира и не со полн капацитет, а градовите ќе бидат блокирани поради демонстрациите на улиците, предупредија синдикатите.