Личните податоци на над 1,2 милиони белгиски граѓани биле компромитирани во масовен хакерски напад. Стручњаците за кибер-безбедност посочуваат дека станува збор за најголемиот безбедносен пробив во земјата регистриран досега.
Со нападот се директно засегнати жителите на 82 фламански општини. Безбедносниот упад бил извршен со помош на системи базирани на вештачка интелигенција, а истрагата утврдила дека хакерските дејствија биле координирани од странство во периодот од 6 до 15 ноември.
Како одговорни за нападот се посочува хакерската група Ghost Hunters. Напаѓачите не компромитирале директни општински сервери, туку влегле преку незаштитени мрежи на надворешен давател на софтверски услуги што го ангажирале општините.
Базата на украдени податоци содржи лични имиња, адреси на живеење, датуми на раѓање, матични броеви, броеви на лични карти, банкарски сметки и лозинки. Сите овие информации веќе се шират и се продаваат на интернет мрежите.
Операцијата била насочена против вкупно 50 организации на територијата на Белгија, Франција и Швајцарија. Меѓу таргетираните субјекти се наоѓаат банки, осигурителни друштва, финансиски институции за плаќања, технолошки компании, како и платформи за игри на среќа и трговија со криптовалути, при што половина од сите нападнати цели се лоцирани во Белгија.
